Се одржа втората завршна работилница за подготовка на Локалната Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени за Општина Штип

Во рамките на проектот „Климатски пријателски здравствени институции“ Клиничката Болница од Штип како партнер во проектот на 15.06.2021 година ја организираше втората работилница за подготовка на Локалната Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени за Општина Штип.

На работилницата присуствуваа медицински и немедицински кадар од Клиничката болница во Штип.

Работилницата беше отворена со поздравен говор на Координаторот на проектот д-р. Денис Жерновски, а главниот експерт за подготовка на локалната стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени за Општина Штип Проф. др. Михаил Кочубовски даде воведни објаснувања за подготвената стратегија на локално ниво. На почетокот на работилницата беа елаборирани основните цели кои се дефинирани со стратегијата, како и мерките кои треба да се преземат.

На самата работилница беше презентирана финалната верзија на Стратегијата во која се дефинирани предизвиците кои климатските промени ги предизвикуваат на човековото здравје во општина Штип, подготвениот стратешки пристап во ублажувањето на последиците од климатските промени по јавното здравје, потоа мерките за прилагодување кон климатските промени пред се преку донесување на соодветни здравствени политиките за адаптација кон овие климатски промени од аспект на јавно здравје.

Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени за Општина Штип е основен документ и на локалната самоуправа и на здравствениот сектор во процесот на дефинирање на политиките преку кои треба климатските промени, односно последиците од климатските промени да бидат вклучени во здравствени програми, со цел редуцирање на на ризикот од последиците од климатските промени како што се временски непогоди, природни катастрофи, појава на нови болести и намалување на ризикот од непредвидени ситуации.

Во текот на работилницата голем дел од учесниците активно се вклучија во дискусијата.

На крај од работилницата сите присутни го изразија своето задоволство од самиот процес на изработка на самата стратегија, од подготвениот документ кој ќе послужи како основа за дефинирање на политиките во јавното здравје од аспект на влијанието на климатските промени.